Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

1 Samuel 15

:
Macedonian - 2006
1 Потоа Самоил му рече на Саул: „Господ ме испрати да те пома­зам за цар над Неговиот народ, над Израел; а сега чуј го гласот Господов.
2 Така говореше Господ Саваот: ‚Ќе го казнам Амалик за она што му го направи на Израел, кога му се испречи на патот додека овој излегуваше од Египет.‘
3 Оди сега и нападни го Амалик и истреби сѐ негово, но не земај за себе ништо од нив, туку уништи го и про­колни сѐ што е негово; не штеди го, туку предај на смрт од маж до жена, од момче до доенче, од вол до овца, од камила до магаре.“
4 Го собра тогаш Саул народот и го преброи во Телаим. Тие беа двесте илјади Израелци пешаци и десет илјади од Јудиното племе.
5 И дојде Саул до градот на Амали­кијците и постави заседа во долината.
6 Па им рече Саул на Кенијците: „Одете, одделете се, излезете од средината на Амаликијците за да не ве погубам со нив, бидејќи вие покажавте благонаклоност спрема сите Израелци кога доаѓаа од Египет.“ И Кенијците се одделија од Амаликијците.
7 И Саул го разби Амалик од Хавила сѐ до пределите на Сур, кој се наоѓа пред Египет,
8 и го зароби жив амаликискиот цар Агаг, и сиот народ го истреби со меч.
9 Но Саул и народот го поштедија Агаг и најдобрите овци, волови и згое­ните јагниња, и сѐ што е вредно, не го уништија, а го уништија само она што е лошо и безвредно.
10 И дојде слово од Господ кон Самоил:
11 „Жалам што го поставив Саул за цар, бидејќи тој се одврати од Мене и не го исполни зборот Мој.“ Се натажи Самоил многу, Го повикуваше Господа цела ноќ.
12 А изутрината рано Самоил стана и отиде да го пресретне Саул. И му јавија на Самоил дека Саул отишол на Кар­мил и таму си подигнал споменик, но оттаму се вратил со колата и слегол во Гилгал.
13 Кога Самоил дојде кај Саул, Саул му рече: „Благословен да си од Господ! Јас го исполнив зборот Господов.“
14 Но Самоил рече: „А какво е ова блеење на овци во ушите мои и мукање на волови што го слушам?“
15 Саул одговори: „Ги дотераа од Амалик, зашто народот ги поштеди најдобрите овци и волови за принесување жртви на Господ, твојот Бог; а другото го истребивме.“
16 Самоил му рече на Саул: „Почекај да ти јавам што ми кажа Господ ноќеска.“ А Саул му рече: „Кажувај.“
17 Тогаш Самоил му рече на Саул: „Зарем не беше ти мал пред Него и зар не те постави глава над Израеловите племиња, и Господ те помаза за цар над Израел?
18 И Господ те испрати на пат и рече: ‚Оди и нападни ги Амаликијците и војувај против нив, сѐ додека ги истребиш.‘
19 Зошто тогаш ти не го послуша гласот Господов, а се втурна по грабеж и направи зло пред очите на Господ?“
20 Саул му одговори на Самоил: „Јас го послушав гласот Господов и отидов на пат, каде што ме испрати Господ, и го доведов амаликискиот цар Агаг, а Амаликијците ги истребив,
21 а од пленот: овците и воловите, на­родот го зеде најдоброто од ограбеното за да Му принесе жртва на Господ, твојот Бог, во Гилгал.“
22 Самоил одговори: „Зар сепалени­ците и приносите повеќе Му се пријатни на Господ, отколку послушноста на гласот Господов? Послушноста е по­добра од жртвата, и покорувањето подобро отколку овнешкото месо;
23 зашто непокорноста е исто таков грев, какво што е вражањето, а тврдоглавоста е исто како и идолопоклонството. Поради тоа што го отфрли зборот на Господ, затоа и Тој те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“
24 И Саул му кажа на Самоил: „Згрешив, бидејќи ја престапив заповедта на Господ и твојот збор; но јас се исплашив од народот и го послушав гласот нивни.
25 А сега симни го од мене мојот грев и врати се со мене за да Му се покло­нам на Господ.“
26 А Самоил му одговори на Саул: „Нема да се вратам со тебе, зашто ти го отфрли зборот Господов, и Господ тебе те отфрли за да не бидеш цар над Израел.“
27 Самоил се сврти да си оди. Но Саул се фати за крајот од облеката негова и ја раскина.
28 Тогаш Самоил рече: „Денес Господ го одзеде царството Израелово од тебе и му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе.
29 Светецот Израелов не лаже и не се предомислува, бидејќи Тој не е човек, та да се предомисли.“
30 И рече Саул: „Згрешив; но направи ми сега чест пред старешините на мојот народ и пред Израел, и врати се со мене, и јас ќе Му се поклонам на Гос­под, твојот Бог.“
31 Самоил се врати по Саул, и Саул Му се поклони на Господ.
32 Потоа Самоил рече: „Доведете ми го амаликискиот цар Агаг.“ Агаг, растреперен, се приближи до него, и рече Агаг: „Дали е ова горчината на смртта?“
33 Но Самоил рече: „Како што мечот твој ги лишуваше жените од децата, така и мајка ти меѓу жените нека биде лишена од син.“ И го исече Самоил Агаг пред Господ во Гилгал.
34 Самоил отиде во Рама, а Саул отиде во домот свој во Гива Саулова.
35 И Самоил веќе не се виде со Саул до денот на својата смрт; но Самоил патеше по Саул. А Господ зажали што го постави Саул за цар над Израел.